Настан во Спомен-собата „Т’га за југ“ посветен на творештвото на Миладиновци
Со свечен настан во Спомен-собата „Т’га за југ“, денеска во Скопје ќе бидат одбележани 165 години од објавувањето на „Зборникот на браќата Миладиновци“, едно од најзначајните дела во македонската културна и книжевна историја.
Од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ информираат дека настанот е посветен на придонесот на Димитар и Константин Миладинов во зачувувањето на македонскиот јазик, народното творештво и културниот идентитет.
Свеченоста ќе ја отвори директорката на библиотеката Анета Механджијска, по што Братислав Ташковски ќе говори за значењето на „Зборникот“ и творечкото наследство на браќата Миладиновци.
Во програмата се предвидени и актерски интерпретации на избрани песни и текстови од „Зборникот на браќата Миладиновци“.
Изложба на изданија од „Зборникот“ и делата на Миладиновци
Во рамки на одбележувањето ќе биде поставена и изложба на сите изданија на „Зборникот“, како и на делата на Миладиновци што се чуваат во библиотечниот фонд.
„Зборникот на браќата Миладиновци“ е објавен во 1861 година и се смета за едно од највлијателните дела во македонската книжевна и културна традиција. Делото има трајно значење за зачувувањето на народната литература, обичаите и јазичното наследство.
