Напуштајќи го седиштето на Владата, Курц им рече на новинарите дека лично му е непријатно да биде обвинет за нешто што не е вистина.
– Позитивно е само ако знаете што сте направиле, знаете дека обвинувањата не се точни, тоа ви дава сила што ви е потребна за да излезете од оваа ситуација. Ќе ја користам таа сила да се бранам со сите легални средства, порача австрискиот канцелар.
Истовремено, тој нагласи дека е важно судството, во една либерална демократија како Австрија, да може да спроведе истрага против секого независно и праведно.
– Меѓутоа, во нашата земја, основата на работата на судството е презумпцијата на невиност, која отсекогаш важела за сите граѓани, како и за сите мои претходници и други политичари. Тоа беше случај до пред неколку дена, нагласи Курц.
Запрашан дали изјавите на претставниците на Зелените значат крај на владејачката коалиција, Курц изјави дека гарантира оти ОВП ќе го даде својот придонес за земјата да остане стабилна.
– Линијата на ОВП е јасна. Бевме избрани двапати од граѓаните и стоиме зад владината програма. Во изминатата година и половина, добро соработувавме со Зелените, ја надминавме тешката фаза на пандемијата. Ако Зелените не сакаат да ја продолжиме таа соработка и бараат друго мнозинство, тогаш мора да се прифати. Ние сме подготвени да соработуваме, додаде Курц.