Царинската управа денеска по повод 30 годишниот јубилеј од основањето пред државниот врв и соработниците ги претстави постигнатите резултати, реализираните реформи и најзначајните настани кои ги одбележале изминатите триесет години. Беа доделени и плакети за благодарност до соработниците, а присутните имаа можност да проследат демонстрација со опремата за контроли што се користи во секојдневното царинско работење и поблиску да се запознаат со улогата на Царината за заштитата на општеството.

На настанот, за кој Царината информираше преку соопштение, присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, како почесен гостин, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими и други претставници на Владата, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, претставници на дипломатско-конзуларните претставништва, државни институции, на деловната заедница, поранешни директори на Царинската управа и други соработници.

-Царинската управа и царинските работници се еден од првите контакти со нашата земја, и затоа поставените норми за професионално царинското работење ги препознаваме како важен предуслов за унапредување на меѓународната трговија на нашата земја, истакна премиерот Ковачевски.

Тој укажа дека дигитализацијата како процес во Царинската управа е дел од дигиталната трансформација на општеството со која, потенцираше, ја унапредуваме ефикасноста, но и ја зголемуваме довербата на граѓаните и на бизнис секторот во институциите. – Таа е главна алатка на добро и транспарентното работење, потенцираше Ковачевски.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, ја поздрави успешната соработка, посочувајќи дека Царинската управа има клучна улога во олеснување на трговијата, преку забрзани и олеснети и дигитализирани постапки, што има влијание врз условите за водење бизнис, а во нејзина надлежност е и ефикасна наплата на приходите кои имаат влијание врз приходите во Буџетот.

Според директорката на Царинската управа Славица Кутиров, Царинската управа, втемелена во традиоционаните почетоци на осамостојувањето, со огромна динамика на развој, прерасна во вистински сервис на граѓаните, деловната заедница и државата.

-Денес таа е модерна, технолошки напредна служба и лидер во промените во регионот, рамо до рамо со царините на земјите во Европската Унија. Исправена пред предизвикот постојано да одржува рамнотежа на забрзување на прекуграничната трговија и истовремено да применува ефикасни мерки и контроли за заштита на здравјето, безбедноста и финасиските интереси на државата, рече Кутиров.

Честитки за упешното триесет-годишно работење упатија генералниот секретар на Светска царинска организацијаи Кунио Микурија и директорот на Генералниот директорат за царини и оданочување на Европската комисија (DG TAXUD) Томас Герасимос, преку видео обраќање.

Плакети беа доделени на: Стопанската комора на Република Северна Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на северо – западна Македонија, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Царината на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Соединетите Американски држави и Делегацијата на Европска Унија.