Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска по средбата со премиерот на привремените институции на Приштина Албин Курти изјави дека разговорите за нормализација на односите и следните чекори во тој процес треба да продолжат.

Тој изјави дека за неколку недели во Брисел очекува средба на високо ниво со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, но и со Курти.

Лајчак рече дека со Курти разговарале и за настаните на северот на Косово, како и за нормализирање на процесот на дијалог, пренесува „Репортерс“.

„За среќа, од 23 ноември веќе немаме рокови и кризи и можеме да разговараме за суштината. Затоа сум тука. Овие разговори да се претворат во нормализација на односите и да се разговара за следните чекори во процесот врз основа на документот што го презентирав овде. Сакаме да го искористиме овој моментум и сакаме средбата на високо ниво да се одржи за неколку недели“ – рече Лајчак на прес-конференцијата.

Тој рече дека со Курти разговарале за ситуацијата во северно Косово по повлекувањето на Србите од приштинските институции, полицијата и судството, како и за подготовките за локалните избори.

„Едно е јасно, дека имаме огромен безбедносен вакуум кој не е добар за луѓето и сакаме да се вратиме во нормала, каде полицијата си ја врши својата работа и каде функционираат судовите“, нагласи Лајчак.

Лајчак вчера во Белград разговараше со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а како што најави, тема било продолжување на дијалогот и враќање на Србите во привремените институции во Приштина.