„Имам три пратенички прашања, едното е до премиерот кој што не е тука, а тој треба да дојде за сите нас бидејќи ние сме претставници на граѓаните. Второто прашање е за министерот за образование и третото прашање е за министерот за земјоделие“, истакна Благица Ласовска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

„Оваа одлука за поништување на 32-рата испитна сесија на кандидатите од директорот на Државниот испитен центар, која што е донесена на 02.12.2022. И со оваа одлука се поништува испитот на 110 кандидати кои што веќе ги положија двата испита и дојдоа до третиот, тој требаше да се одржи на 07.12.2022. Но еве вие како талентирана многу Влада одлучивте и најдовте начин политички да го прекратите испитот на директори“, појасни Ласовска.

Ласовска го запраша министерот за образование и наука дали ќе ја употреби неговата надлежност како министер да донесе одлука кандидатите за испит за директори во Државниот испитен центар веднаш да го продолжат полагањето.

„Другото прашање е до министерот за земјоделие, во кампањата пред да дојдете вие на власт, а и сега на последните избори особено во источна Македонија, Овчеполието, Вие како министер кажувавте дека земјата треба да се подели на вистинските земјоделци и дека Овчеполието заслужува таа земја да биде на нив. Има над 2.700 апликанти кои бараат финансиска помош и над 1.000 земјоделци, значи тоа е една житница која треба да биде искористена, и Пелагонија“, нагласи пратеничката.

Таа го запраша министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство дали вистинските земјоделци се „International fresh food“, фирма ќерка на „Везе Шари“, „Fruit connection“ фирма ќерка на „Везе Шари“, „Аеро спорт Никоб“ познатиот „Никоб“ – Кирил Лазаров другар на Зоран Заев. Сите овие имаат над 800 хектари земја земено во Овчеполието. Ласовска запраша дали се ова вистинските земјоделци кои земаа земјиште.

„Пред неколку години од оваа говорница му поставив прашање на тогашниот премиер Зоран Заев дали во Свети Николе, фабриката за марихуана е негова односно на неговиот братучед. Тој одговори дека е нивна и ги повика сите да инвестираат во овој бизнис. И сега вие г-дине. Ковачевски тргнувате по неговиот пат и од пред извесно време сте одлучиле Вие и Вашата сопруга да отворите бизнис. Сопругата на премиерот Димитар Ковачевски влегува во бизнис со струја, таа е косопственик во компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, фирма која планира да гради соларна електрана во Радовиш. Фирмата е отворена во октомври 2020-та година, еден месец откако Вие сте предложен за заменик министер за финансии. Значи прво сте станале државен функционер, па после вашата сопруга направила фирма“, заклучи Ласовска.

Ласовска го запраша Ковачевски колку е етички неговата сопруга да работи со фирма за енергетика во моменти кога на народот му е најлошо. Колку е етички сопругата на Ковачевски да работи со фирма за струја, за фотоволтаици? Дали Ковачевски има некаков пример во светот за такво нешто, за премиер на кој што неговата сопруга работи бизнис?