Селекторот и капитен на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, стана рекордер по број на одиграни натпревари во Лигата на шампионите.

Лазаров кој настапува за Нант, синоќа на гостувањето кај Киелце, го одигра својот 250. натпревар во елитното ракометно натпреварување.

Досегашниот рекорд му припаѓаше на легендарниот голман Арпад Штербик со 249 настапи, а трет на вечната листа е уште еден голман, Тиери Омејер со 240 настапи.

Воедно, Лазаров е и најдобриот стрелец во историјата на Лигата на шампионите.

Македонецот има двојна причина за славје, бидејќи покрај рекордот, неговиот тим Нант го победи Киелце со 34:31 и се пласира во четвртфиналето на ЛШ.