ЛАЖНИ КАЗНИ ПРЕКУ СМС: ИЗМАМНИЦИ ГО ЗЛОУПОТРЕБУВААТ „БЕЗБЕДЕН ГРАД“

Измамници повторно се обидуваат да извлечат пари од граѓаните преку лажни СМС-пораки во кои го злоупотребуваат системот „Безбеден град“, предупреди Министерството за внатрешни работи.

Од МВР информираат дека во изминатиот период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС-пораки, електронска пошта, веб-страници и пораки на социјалните мрежи, со цел прибирање лични и финансиски податоци.

Кај дел од оштетените, дополнителен сомнеж се појавил откако добиле пораки иако воопшто немаат возило регистрирано на свое име, што значи дека не можат да бидат евидентирани како сторители на сообраќаен прекршок во системот.

Од МВР посочуваат дека измамата може лесно да се препознае преку содржината на пораките. Во лажните СМС-известувања не е наведен бројот на регистарската табличка, што, како што нагласуваат, е задолжителен елемент во сите официјални пораки што ги испраќа Министерството.

Дополнителна разлика е и во името на испраќачот. Во официјалните пораки испратени преку системот „Safe City“, како испраќач секогаш е наведена ознаката „MVR-SC“, додека кај лажните пораки се појавуваат непознати или сомнителни имиња.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да не кликнуваат на сомнителни линкови, да не внесуваат лични податоци или податоци од платежни картички и секој ваков обид за измама веднаш да го пријават во најблиската полициска станица.

 

 

 

ЛАЖНИ КАЗНИ ПРЕКУ СМС