Докторот Ненад Лазаров во објава на Фејсбук алармира за, како што посочи, организирано лажно просење во кругот на клиниките.
Според докторот, лица кои се претставуваат како просјаци и инвалиди, а не се, се распоредуваат околу болниците и ги таргетираат најранливите граѓани што доаѓаат по здравствена помош, пренесува СкопјеИнфо.
Во објавата, Лазаров наведува дека најчесто жртви се сиромашни и изнемоштени лица кои, од сочувство, им даваат пари од последните средства што ги имаат. Тој тврди дека станува збор за организирана мрежа која секојдневно собира значителни суми пари, кои потоа се укрупнуваат по локални продавници, па дури и во црквата во кругот на клиничкиот центар.
Доктор Лазаров посочува случај во кој, според негово сведочење, едно од лицата собрал и укрупнил 7.000 денари. Дополнително, наведува дека лицата доаѓаат и си заминуваат со автомобили.
Toj апелира до граѓаните да не даваат пари и повикува надлежните институции да преземат мерки за спречување на ваквите појави, особено во чувствителни зони како што се здравствените установи.
