Лидерката на ултрадесничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен, според нова анкета е фаворит за претседателските избори во Франција. Истражувањето на Францускиот институт за јавно мислење покажува дека таа би освоила најмногу гласови уште во првиот круг.
Анкетата доаѓа само два дена откако Апелацискиот суд ја потврди пресудата против Ле Пен за проневера на средства од Европскиот парламент. Судот претходно ја ублажи забраната за вршење јавна функција, а Ле Пен вчера ја започна кампањата за претседателските избори што треба да се одржат во 2027 година.
Според резултатите на ИФОП, Ле Пен во првиот круг би добила 36 проценти од гласовите.
На второ место би бил центристот Едуар Филип со 19 проценти, додека радикалниот левичар Жан-Лик Меланшон би завршил трет со 15 проценти поддршка.
Истражувањето покажува дека Ле Пен би имала предност и во вториот круг од претседателските избори. Според анкетата, таа би победила со поддршка од 51 до 54 проценти од гласовите, додека Филип би освоил меѓу 46 и 49 проценти.
Ле Пен е осудена за злоупотреба на пари наменети за асистенти на членовите на Европскиот парламент. Според пресудата, тие средства биле користени за финансирање вработени во нејзината партија Национален собир.
Таа ги негира обвинувањата.
Марин Ле Пен, која има 57 години, досега трипати се кандидираше за претседателка на Франција.
