Советот на јавни обвинители предводен од Башким Бесими, роднина на поранешниот функционер на ДУИ и поранешен министер за финансии, Фатмир Бесими, се стави во одбрана на обвинителите Абази и Коларевиќ за случајот „Мазут’’ вреден 167 милиони евра, рече на денешната прес-конференција пратеникот Миле Лефков.

Советот на јавни обвинители не смогна сили да излезе од политичкото мочуриште со кое владее ДУИ, односно Али Ахмети и неговите партнери. Наместо да побараат детална истрага за овој случај кој е најголем во историјата од финансиски аспект, тие ги штитат пулените на ДУИ, молчат и седат на страна. Со оваа потпора од страна на Советот на јавни обвинители, предводен од Башким Бесими, обвинители како Абази и Коларевиќ ќе бидат сликата на нашето правосудство. Компромитирани со лични и семејни врски со политичките партии СДС и ДУИ, кои ќе носат амнестија на осомничените уште пред да се најде во судска постапка одреден случај. Затоа и довербата во правосудните органи ќе биде и под 2%. Абази и Коларевиќ, кои се ставија на услуга на СДС и ДУИ, за да ги заштитат Васко Ковачевски, Асмир Јахоски и останатите осомничени, за кои целата јавност виде перење на пари, труење на народот и местење на тендери, за што има и докази поднесени од МВР, извештај од ДЗР, како и јавни сведоштва за тоа како биле правени јавните набавки за да може само една фирма да учествува на тендерот, само обвинителската коалиција на Абази и Коларевиќ не виде ништо, затоа што така им било кажано од Ахмети, Заев и Филипче, истакна Лефков.

Бараме оставка од Абази и ревизија на целиот случај. Ваков епски криминал не смее да биде оставен под тепих, само затоа што осомничените се блиски до партиите СДС и ДУИ, додаде Лефков.