Белото троделно одело што Џон Траволта го носеше во култниот филм „Треска во сабота навечер“ ќе биде понудено на продажба на аукција во август годинава. Организаторите очекуваат костимот да достигне цена меѓу 200.000 и 400.000 долари.
Оделото го носеше Траволта во улогата на Тони Манеро, ликот кој стана еден од најпрепознатливите во историјата на филмот. Костимот се појавува во легендарните танцови сцени со музиката на групата Bee Gees, кога Манеро со партнерката Стефани, која ја играше Карен Лин Горни, учествува на натпревар во танцување.
Аукцијата ќе се одржи во Лос Анџелес, а ја организира компанијата Propstore. Оделото, кое содржи и рачно напишана посвета од самиот Траволта, е дел од колекцијата од околу 1.700 филмски и телевизиски реквизити што ќе бидат понудени во рамките на четиридневната продажба. Вкупната вредност на предметите се проценува на околу 10 милиони долари.
Меѓу предметите што привлекуваат најголемо внимание е и костимот на Френк Зајакот од филмот „Дони Дарко“, чија вредност е проценета меѓу 100.000 и 200.000 долари.
Колекционерите ќе имаат можност да наддаваат и за реквизитот со фосил од комарец во килибар од воведната сцена на филмот „Паркот од времето на диносаурусите“.
На аукцијата ќе бидат понудени и други препознатливи предмети од филмската историја, меѓу кои оригиналната Златна грабливка (Golden Snitch) од „Хари Потер и Каменот на мудроста“, со проценета вредност од 25.000 до 50.000 долари, костимот на Бетмен што го носеше Мајкл Китон во „Враќањето на Бетмен“, каскадерската секира од „Сјаење“, како и оклопот на Ајрон Мен од филмот „Капетан Америка: Граѓанска војна“.
Од компанијата Propstore посочуваат дека ваквите аукции им овозможуваат на колекционерите да се здобијат со оригинални предмети од филмови и телевизиски продукции кои оставиле значаен печат во популарната култура.
