Комбинирањето алкохол со одредени лекови може да доведе до сериозни здравствени последици, предупредуваат лекарите. Тие посочуваат дека алкохолот влијае врз начинот на кој организмот ги апсорбира и разградува лековите, а ризикот зависи од видот на терапијата, возраста, здравствената состојба и количината на испиен алкохол.
Експертите советуваат алкохол да не се консумира заедно со лекови против болка, како што се парацетамол, ибупрофен и аспирин, бидејќи таквата комбинација може да го зголеми ризикот од оштетување на црниот дроб и крвавење во дигестивниот систем.
Внимание е потребно и кај антидепресивите, затоа што алкохолот може да ја намали нивната ефикасност и да предизвика поспаност, вртоглавица и нарушена координација.
Лекарите предупредуваат и на одредени антибиотици, особено метронидазол, кој во комбинација со алкохол може да предизвика мачнина, повраќање, главоболка, црвенило на лицето и забрзана работа на срцето.
Комбинацијата на алкохол со антипсихотици исто така носи сериозен ризик, бидејќи може да доведе до силна поспаност, пад на крвниот притисок, проблеми со дишењето и други компликации.
Посебна претпазливост е потребна и при земање лекови за смирување и таблети за спиење, особено бензодиазепини. Во овие случаи постои опасност од значително забавено дишење, нарушена координација и губење на свеста.
Алкохолот не се препорачува ниту со лекови за дијабетес, бидејќи може опасно да го намали нивото на шеќер во крвта, како и со лекови за разредување на крвта, како варфарин, кога се зголемува ризикот од крвавење или создавање тромбови.
Лекарите нагласуваат дека дури и мала количина алкохол може да биде опасна во комбинација со одредени терапии. Затоа советуваат секогаш да се побара мислење од лекар или фармацевт пред консумирање алкохол.
Доколку по комбинирање алкохол и лекови се појават силна поспаност, отежнато дишење, изразена вртоглавица, болки во стомакот, губење на свеста или други сериозни симптоми, потребно е веднаш да се побара медицинска помош.
