Земјите членки на Европската Унија договорија построги правила за украинските државјани на воена возраст кои пристигнуваат во Унијата, со цел да се ограничи користењето на механизмот за привремена заштита од страна на лица кои избегнуваат воена обврска.
Одлуката е донесена на барање на официјален Киев, а според новиот договор, украинските мажи на возраст од 23 до 60 години ќе можат да добијат привремена заштита во ЕУ само доколку имаат одслужено воен рок или поседуваат официјален документ за ослободување од воената обврска.
Новите правила ќе се однесуваат само на мажите кои за првпат пристигнуваат во земјите на Европската Унија. Лицата кои се на воена возраст и понатаму ќе имаат право да поднесат барање за азил, но можностите за добивање престој и заштита ќе бидат значително ограничени.
Досега, украинските граѓани кои бегаат од војната добиваа привремена заштита според посебната европска директива, без детална индивидуална проверка на секој случај. Тоа овозможуваше побрза и поедноставена процедура за влез и престој во Унијата.
Со новите измени, украинските мажи ќе треба да приложат пасош со излезен печат од украинските власти или официјална потврда дека ја исполниле воената обврска или дека се ослободени од неа.
Портпарол на Европската Унија за германската агенција ДПА потврди дека земјите членки го одобриле договорот, кој има за цел да обезбеди дека привремената заштита ќе биде достапна за оние кои ги исполнуваат утврдените услови.
