Летонија повторно ја продолжи вонредната состојба во регионите долж границата со соседна Белорусија, воведена во август минатата година, откако илјадници мигранти се обидоа да ја минат, јави ДПА.

Вонредната состојба ќе трае до 10 февруари, одлучи денеска летонската Влада на седницата во Рига.

Дополнителен фактор за продолжување, наведува Министерството за внатрешни работи, е поддршката на Минск за руската инвазија врз Украина.

Летонија се граничи и со Русија и со нејзиниот сојузник, Белорусија, земја која е авторитарно водена, пренесува германската агенција.

Според официјалните податоци, по прогласувањето на вонредната состојба, повеќе од 7.500 лица биле спречени илегално да ја минат границата кон Летонија.

ДПА потсетува дека Европската унија го обвинува белорускиот лидер, Александар Лукашенко, дека намерно донесе мигранти од кризните зони низ светот до надворешната граница на Унијата.