Политичката партија Левица, која е организатор на протестот во Охрид против отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, денеска обвини дека нема никаква осуда од СДСМ и ДУИ за отворањето на клубот.

Ние сме организатори на протестот против фашистичкиот клуб. Денеска ја поднесуваме и иницијативата за референдум против пробугарскиот предлог. Денес сме сведоци како се вее знамето на цар Борис, додека немаме никаква осуда од Владата на СДСМ и ДУИ. Напротив, вчера и отворено МНР на Бујар Османи директно застана на страната на промоција на фашизмот и побара да се почитува правото на почитување на сите граѓани, дури и на оние кои негуваат фашистички вредности, изјави генералната секретарка на партијата Јована Мојсоска.

 


Очекуваат, според Мојсоска, нивниот предлог за референдум да помине и на народот да му се даде можност да се изјасни дали е против „уцените од страна на Бугарија“.

Ќе се бориме и понатаму. Очекуваме предлогот за референдум да помине и народот како што доликува на една демократска земја да се изјасни против сите овие уцени кои доаѓаат од страна на Бугарија со кои Македонија е принудена да се откаже од своето АСНОМ-ско минато, рече Мојсоска.

Таа додаде дека во текот на вчерашниот ден од страна на полицијата бил вршен притисок врз членови на партијата и дека, како што рече, имало „експлицитно пречекорување на нивните овластувања“.

На протестот во Охрид се приклучија и членови на охридскиот општински Совет од редовите на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.