ДСМ соопшти дека нема да учествува на средбата на опозициските партии иницирана од Левица врзана за Изборниот законик. Според СДСМ причина е што, како што вели партијата, тоа е видено сценарио и нарачка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Дали е тој класен наставник кој ќе ја повикува опозицијата кога сака? Дали ние треба да ја играме неговата игра и да му правиме театар за јавноста? СДСМ веќе ги даде своите јасни и конкретни предлози во Собранието. Нема потреба од нови предлози.
Нашите предлози се јасни, вели СДСМ.
„Тие гарантираат фер и транспарентни избори и спречуваат можност за изборна кражба, особено на гласовите од дијаспората. Сè друго е претстава“.
Според опозициската СДСМ ова е класичен обид на Мицкоски, преку своите сателити, да создаде привид дека опозицијата ја блокира реформата на Изборниот законик.
„Но вистината е спротивна. Мицкоски е тој кој сака закон со кој ќе може да се крадат гласови од дијаспората. Тој е оној кој сака да го наметне својот модел на изборна манипулација. СДСМ нема да учествува во оваа претстава. Нема да му бидеме алиби на Мицкоски. Нема да се собираме за да му правиме услуга во неговата кампања за предвремени избори“.
СДСМ порачува дека „единственото што Мицкоски треба да го направи е да се откаже од законот со кој сака да ги намести изборите и да ја украде волјата на граѓаните“.
