Левица најави дека од понеделник официјално ќе ги покани опозициските партии на средба за Изборниот законик. Целта, според координаторот на пратеничката група Борислав Крмов, е да се излезе со заеднички предлог за една изборна единица.
Крмов оцени дека ВМРО-ДПМНЕ бега од одговорност и дека нема причина за изборните измени да разговара само опозицијата.
„Прво и основно, ова е бегање од одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ. Нема потреба да се состанува само опозицијата, треба сите“, истакна Крмов.
Тој додаде дека, иако сметаат дека прашањето треба да се отвори со сите политички субјекти, Левица го прифаќа предизвикот и ќе иницира средба меѓу опозициските партии.
„Но, во ред, ако веќе ни ја префрлаат топката, ние го прифаќаме предизвикот, ќе свикаме средба на опозициските партии. Планираме од понеделник официјално и да ги поканиме опозициските партии“, рече Крмов.
Според Левица, средбата треба да биде чекор кон усогласување на заеднички став за промени во изборниот модел, со фокус на воведување една изборна единица.
