На 9 јули 1913 година, кај месноста Бел Камен, загинал Васил Чакаларов, една од најславните личности во македонската револуционерна историја од Костурско.
Чакаларов и неговата чета биле гонети од страна на грчките сили, а на 4 јули во Чеган четата била предадена. Тогаш дошло до судир во кој Чакаларов бил полесно повреден, а четата се поделила на два дела. Иван Попов и Панде Сидов заминале за Баница, каде на 5 јули биле поразени. Истиот ден и четата на Чакаларов е растурена, тој повторно бил ранет, но успеал да стигне до планината Вич на 8 јули. Чакаларов бил ранет во градите при борбата со грчки војници на 9 јули 1913 година во близина на Бел Камен. Тука Чакаларов загинал и грчките војници му ја отсекле главата и ја однеле во Лерин каде на сиот глас викале:
„Го нема Чакаларов, ја нема Македонија, го уништивме Чакаларов, а со него и сите Чакаларовци!“
Потоа грчки капетан го удрил со главата Илија Димушев и го присилил да ја носи на чело на процесот. Српски офицер не им дозволил да продолжат и протестирал пред Грците. Тие главата му ја дале на епитропот од црквата „Св. Панталејмон“, а тој ја погребал на гробиштата. Дваесет и шест души од четата на Чакаларов биле судени во Солун од воен трибунал и добиле разни казни.
Во неговиот Дневник се запишани вредни моменти за македонската историја од тој период, а еве што тој сведочи за 19 април 1903 година и за 20 април истата година додека се наоѓаат во Смилево на Конгресот на кој се донела одлука за Илинденското востание во Битолскиот револуционеренен округ:
19 април 1903, Смилево
Од Битола пристигна писмо од Лука Џеров, го пишуваше следното: „Во Солун – Отоманската банка е фрлена во воздух со динамит… еден француски параброд е потонат.
Иницијаторот (Павел Шатев) е фатен. Патници од Солун нема да има два дена…”
Тоа не изненади! Даме Груев растревожен почна да ни го кажува следното:
„Ґавол да ги земе, jас уште кога заминав од Солун, тие пакосници се фалеа и не дочекаа до денот на востанието, тие не чинеа повеќе од 250 лири. Тие се околу 15-16 души неразбрани луге, секогаш нашите браќа солунчани бивале заплашувани:
„Ако не ни дадете пари, или ако фатат некој од нас, ние веднаш ке го запалиме динамитот. Ако еден од нас загине, нема да штедиме ништо…”
Секогаш така ни се закануваа. Jас предложив да ги убиеме, но и тука се сретнав со тешкотии, не можеше да ги соберам сите, а поединечно не беше возможно, зашто пак ќе си ги исполнеа своите планови и ете што направија, ѓавол да ги земе!”
Така горе-долу заврши Груев.
Сарафов, тоі ми раскажа насамо дека „тие биле испратени од него во Солун и така си jа извршиле мисијата како што им беше рекол, повеке од 300 лири им дал на ним, кога ќе успее тоа, а зошто побрзале, не знам која е причината, но требало нешто да ги загрозува, затоа побрзале.“
„Како и да е, jаc се радувам и нека си говорат Груевци и компанија, тие мислат и следната година да не дигаат востание. Но како и да е, тоа само по себе ќе си доjде…“
Така заврши Сарафов, восхитен од солунската новина.
20 април – Смилево – недела
„Се отвори заседанието за распоредување на разните прашања. Различни фигури претставуваа различни мислења за востанието, а најмногу беше против прилепскиот војвода Петар Ацев, зашто не било вооружено Прилепско.
Некои од другите реони се произнесоа поскоро да е денот, а некои покасно. Ние костурчани сакавме да се убрза денот, зашто положбата кај нас е неиздржлива, поради следните причини:
Од Битола ни беше напишано уште во почетокот на месец јануари да ги викаме туѓинците (гурбетчиите) и да не пуштаме селаните да си одат во туѓина. Тоа го направивме и луѓето си дојдоа без пари, следствено на тоа гладот во Костурско почна немилосрдно да коси. Освен тоа, битолското циркуларно писмо имаше таков дух што кога ќе пукне пролетта, треба да се објави востанието и затоа сите со нетрпение го чекаат денот.
Од друга страна, четите во нашиот крај се намножија, потерите се засилија, грчкиот владика заедно со капетан Коте го предава нашето движење и во случај на еден напад на некоја чета ќе се дигне населението и ете ти делумно востание.
Се покрена прашањето: каде ќе наідат костурчани храна за водење на востанието, на тоа им одговорив: Нека му ја мисли началството, зашто населението знае дека има началство кое се грижи за се и затоа посакав да се расправа за тоа прашање, меѓутоа, одговорот беше молчење, се разбира за прашањата за кои не е лесно да се одговори така.
Надвор од тоа од Солун ни ветија дека ќе ни пуштат една сума за поддршка на гладните, но кога минал во Солун, Даме Груев (на враќање од заточение) ја запре сумата која беше на прва рака 100 лири, да се испрати за Костурско. Тој господин без да ја знае својата положба даде мислење да не се испратат пари за костурчани, додека тој не провери и не им напише на солунчани, та велам, следствено на дадените разни мислења за денот на востанието, остана да се остави на Централниот комитет или подобро на случајот.“
Тоа е сведоштвото на Чакаларов за овие два дена во кое изнесува низа фрапантни податоци:
-дека Даме Груев сакал солунските атентатори да бидат убиени за да не бидат извршени атентатите, плашејќи се од компромитација на Организацијата;
-дека во Костурско владеел глад;
-дека Даме Груев лично ја сопрел помошта за Костурско која во „прва рака“ изнесувала 100 лири;
-дека Петар Ацев и прилепската организација биле исклучиво против кревање востание поради слаба вооруженост на комитите од тој крај. Состојбата во Прилепско мошне добро ја опишал и Ѓорче Петров, кој по доаѓањето во овој крај, на крајот од август 1903 година, прилепските комити ги нарекол „баби“. (МИА)
