Карни победи во Канада, но без апсолутно мнозинство

Канадскиот премиер Марк Карни и неговата Либерална партија ја задржаа власта на изборите одржани во понеделник. Сепак не успеаја да го освојат апсолутното мнозинство, јави CTV News.

Иако победата е значаен камбек за либералите, кои на почетокот на годината беа длабоко зад конзервативците во анкетите, недостатокот од мнозинство ќе го отежни спроведувањето на амбициозните политики на премиерот Карни, особено во однос на трговските преговори со американскиот претседател Доналд Трамп.

Претходно, Трамп воведе нови царини, на кои Канада даде одговор.

Канада и Мексико возвраќаат: Трамп воведе нови царини, следуваат контрамерки

Без мнозинство – со 161 место од потребните 172

Либералите освоија 161 место во канадскиот парламент, а за да владеат самостојно им беа потребни најмалку 172 од вкупно 343. Конзервативците освоија 150, а пребројувањето во неколку изборни единици – особено во Британска Колумбија – сè уште трае.

Факторите за победа: Трамп, Трудо и „антиконзервативниот“ фронт

Според Шачи Курл од анкетарскиот институт „Ангус Рид“, либералите успеале да победат поради три фактори: „формулата сите освен конзервативци, заканите за тарифи од Трамп и заминувањето на непопуларниот Џастин Трудо“.

„Заминувањето на Трудо ги мобилизираше либералните гласачи, а агресивниот став на Трамп поттикна бран патриотизам“, рече Курл.

Карни, поранешен гувернер на централните банки на Канада и Обединетото Кралство, вети поцврст став кон Вашингтон и најави дека Канада ќе инвестира милијарди за да ја намали својата економска зависност од САД.

Фриланд: „Извонреден резултат“

Поранешната министерка за транспорт, Кристија Фриланд, која во декември ја напушти Владата по несогласувања со Трудо, вели дека исходот е изненадувачки добар:

„Во декември сите не отпишаа. А вечерва, кога е јасно дека ќе формираме влада – тоа е извонреден резултат“, изјави таа за CTV.

Малцинска влада – со ограничен мандат?

Канада има историја на малцински влади кои траат околу две и пол години, што отвора прашања за политичка стабилност и капацитет за спроведување на реформи. Канадската радиодифузна корпорација (CBC) потврди победа на либералите, но не ја прецизираше структурата на идната влада.

Извор: Слободен печат