Европската Унија останува на целта дека до крајот на јули ќе биде вакцинирано 70 отсто од населението, цел која со сегашното темпо се чини остварлива според ЕУ лидерите, пренесе попладнево претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, иако остануваат преокупациите за можни нови мутации на Ковид-19 против кои сегашните вакцини не би биле ефикасни.
-Работиме напорно да воведеме ефикасен систем на мониторинг за ЕУ, Европскиот центар за контрола на болести ја мониторира ЕУ, но важно е да прошириме на глобално ниво и да ги прилагодиме стратегиите ако тоа биде потребно, рече шефицата на Европската Комисија.
Како што е повторено повеќе пати во оваа криза никој не е безбеден додека не се сите безбедни во светот.
Лидерите на ЕУ во денешните заклучоци се заложија да им помогнат на третите земји, вклучително и соседните земји, како Западен Балкан. За некои земји членки во регионот, Западен Балкан се смета за приоритетен, како што тоа го нагласи утрово бугарскиот претседател, Румен Радев, кој додаде дека Северна Македонија е на врвот на приоритетните држави на Балканот за неговата земја во однос на споделувањето на вакцини.
Фон дер Лајен потврди дека шефовите на држави и влади денеска разговарале за овој механизам за споделување на вакцини со трети земји.
-Земјите се заложија да донираат вакцини, ова е дотолку попотребно сега кога знаеме дека Серум Институтот во Индија ги сопре сите извози за Ковакс, донациите се очајно потребни, а нашите индустриски партнери, Фајзер, Џонсон и Џонсон и Модерна се заложија да донираат 1,3 милијарди вакцини без профит за земји со ниски приходи и вакцини со ниска цена за земјите со среден приход, објасни денеска претседателката на европската извршна власт на прес конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ.
Посебна иницијатива е предвидена за африканските земји каде ЕУ сака да помогне со отворање фабрики за вакцини.
На маса денеска била и темата за вакцинирање на децата и младите под 18 години.
Во овој момент Европската агенција за лекови, ЕМА, го разгледува барањето на Фајзер за дозвола за вакцина на малолетни помеѓу 12 и 15-годишна возраст. Европската Комисија чека на ставот на експертите од ЕМА по ова прашање, а се очекува наскоро и Модерна да поднесе слично барање, рече фон дер Лајен.
Научниците ќе треба да се произнесат прецизно и за потребата за ревакцинација во наредниот период.
Лидерите на ЕУ разговарале денеска и за долгоочекуваните “ковид пасоши“ или зелени сертификати со кои треба повторно граѓаните на ЕУ да можат слободно да се движат преку границите.
Европската Комисија ветува дека информатичката структура ќе биде подготвена и функционална на 1 јуни, но на земјите членки останува да вложат напор за собирање на здравствените информации и поврзување со системот за тој да може ефикасно да проработи.
-Знам дека ова претставува многу работа, но оптимист сум дека стигаме таму, ова ќе биде уникатен пример за тоа како ЕУ придонесува за секојдневниот живот на граѓаните и мораме да сториме сѐ за тоа да се случи, порача фон дер Лајен.