Лиле Поповска, поранешната пратеничка и претседателка на „најзелената“ политичка партија ДОМ, вели дека „ребрендирањето“ на ДУИ во зелена партија е во контекст на најавените зелени фондови кои се поврзани со бизнисите што треба да направат транзиција од користење на фосилни во обновливи извори на енергија.
„Мислам дека партијата си направи алиби за да ги забетонира постојните и да ги прошири и надгради политичките позиции во областа на ‘еколошките’ бизниси. Веќе две децении имаат огромна моќ во областа на животна средина и бизнисите што ја тангираат. На чело се на цел синџир од институции, како министерства за екологија и економија, инспекторати за животна средина, техничка инспекција, шумска полиција и сл., а Македонија има сериозни еколошки проблеми, честопати поврзани со организиран криминал и корупција. Со овој потег ДУИ најавува дека и понатаму неприкосновено ќе владее со ресорот животна средина, особено во светлото на климатската акција, зелените фондови за развој на зелена економија и енергетската транцизија од фосилни кон обновливи енергии“, вели Поповска за Дојче Веле.
Искусната политичарка вели дека зелениот број опфаќа масовни грантови и кредитирања на Балканот и во тој контекст потегот на ДУИ го гледа како номинално фаќање на чекор со актуелните глобални трендови.
„Сепак, претенциозно е да се преоблечат во зелено, знаејќи ги високите стандарди и принципи на таа идеологија, а имајќи ги пред очи резултатите од општините каде што имаат градоначалници“, додава Поповска.