Во Скопје отворен координативен состанок за Националната стратегија за млади
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска во Скопје го отвори координативниот состанок со меѓународните партнери посветен на напредокот во спроведувањето на Националната стратегија за млади и можностите за понатамошна соработка во областа на младинските политики.
На состанокот присуствуваа резидентната координаторка на Обединетите нации во Република Македонија, д-р Рита Колумбија, претставници на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ, Регионалната канцеларија за младинска соработка на земјите од Западен Балкан (РИКО), дипломатскиот кор, меѓународни организации, донаторската заедница, институции и други партнери вклучени во креирањето и спроведувањето на младинските политики.
Лимани истакна дека средбата претставува повеќе од презентација на постигнатото, туку и повик за засилена координација и заедничко делување во интерес на младите.
Фокус на младинските политики и новиот акциски план 2026–2027
„Младите се наш највреден ресурс. Денес тие се соочуваат со избор што ја одредува иднината на државата – дали ќе останат и ќе ја градат својата иднина тука или ќе ја побараат надвор од земјата. Затоа младинските политики не се само прашање на една генерација, туку прашање на демографската одржливост, економскиот развој и иднината на Северна Македонија“, порача Лимани.
Тој нагласи дека Министерството работи на воспоставување систем кој ќе им обезбеди на младите повеќе можности, квалитетни услуги, активно учество и поддршка за личен и професионален развој. Како клучен документ ја посочи Националната стратегија за млади 2023–2027.
Министерот најави дека во наредниот период се очекува усвојување на Акцискиот план 2026–2027, кој треба да ги претвори стратешките цели во конкретни, временски дефинирани и финансиски поддржани активности.
Посебен акцент, како што беше наведено, е ставен на потребата од подобра координација меѓу институциите, меѓународните партнери и донаторската заедница. Целта е поефикасно насочување на ресурсите и постигнување поголеми резултати во развојот на локалните младински центри, младинските совети и локалните стратегии за млади.
„Инвестициите во младите не се трошок, туку инвестиција во човечкиот капитал, демографската стабилност, економскиот развој и иднината на државата. Нашата визија е јасна – младите да имаат повеќе причини да останат, да се развиваат и да успеваат дома“, истакна Лимани.
Тој упати благодарност до меѓународните партнери за досегашната поддршка, нагласувајќи дека Министерството останува отворен и транспарентен партнер за понатамошна соработка.
Координативниот состанок продолжи со презентација на досегашниот напредок во имплементацијата на Националната стратегија за млади, размена на мислења и предлози за идна соработка, како и со заедничка определба за јакнење на партнерствата во интерес на младите.
