Општина Лозово го заврши изградбата на новиот парк „Македонија“, кој се простира на површина од околу 14 илјади квадратни метри. На неговата површина е прикажано осумкракото државно македонско знаме, а официјалното пуштање во употреба е најавено за 8 Септември.
Во моментов, како што информира градоначалникот на Лозово за МИА, се врши доуредување на површините и се работи на озеленување на паркот. Тој очекува конечниот изглед да биде уште поимпресивен, особено во ноќните часови.
Според градоначалникот, глетката би била особено впечатлива доколку Лозово се надлетува со авион. Тој смета дека паркот „Македонија“ може да претставува нова туристичка атракција за регионот и за земјава.
Изградбата на паркот е финансирана со средства од Општина Лозово, со поддршка од Владата преку унгарскиот кредит.
Во рамките на паркот се планирани две зони. Во првата зона треба да бидат поставени детски реквизити за забава, додека во втората се предвидени фитнес справи за вежбање. За реализацијата на вториот дел, Општина Лозово ја очекува поддршката од Министерството за спорт.

Паркот, покрај дрвјата и другото зеленило, има и партерно уредување со клупи, украсни жардињери и корпи за отпадоци. За посетителите се изградени и патеки од бехатон плочки.
Во дел од паркот се поставени системи „капка по капка“ за наводнување. Тие се користат за наводнување на новозасадената трева и останатото зеленило.
Општина Лозово во следниот период планира дополнително да го збогати зеленилото со нови дрвца, меѓу кои и јапонски цреши и други видови.
Градоначалникот најавува и поставување безбедносни камери во паркот, со цел дополнително да се обезбеди просторот.
Во непосредна близина на паркот „Македонија“, Општина Лозово неодамна изгради и повеќенаменско игралиште со тартан подлога, како и други спортски терени.

