Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, најверојатно ќе зазеде висока позиција во новото раководство на СДСМ, што треба да се екипира после неделниот партиски конгрес, пишува неделникот Фокус.
Според високи партиски извори, Лукаревска е една од најсериозните кандидати за една од трите потпретседателски позиции, за кои уште фаворити се и министрите за внатрешни работи и за здравство – Оливер Спасовски и Венко Филипче, пишува Фокус.
Лукаревска е во комбинација и за функцијата заменик-претседател, што досега ја извршуваше министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која веќе најави дека нема амбиции за трет последоватален мандат.
Откако партискиот лидер Зоран Заев ја напушти намерата да ја укине оваа партиска функција, упатените посочуваат дека одлучил да предложи жена од Скопје, при што, покрај Лукаревска, тој размислува и за универзитетските професорки Беса Арифи и Гордана Лажетиќ-Бужаровска.
–Мојот ангажман во СДСМ никогаш не сум го врзувала со конкретна партиска должност, туку со идеолошка припадност, принципи, вредности и програмски определби – вели Лукаревска, додавајќи дека по првите непосредни внатрепартиски избори Заев има целосен легитимитет да избере и предложи кој каква партиска должност ќе врши во следниот мандатен период.
Од СДСМ велат дека конечниот збор за врвните партиски функции ќе го има токму Заев, но, како што објаснуваат од таму, при кадровската селекција на заменикот-претседател и потпретседателите треба да се запази принципот за соодветна застапеност по повеќе критериуми, односно меѓу нив да има барем една жена, барем еден од внатрешноста на државата и барем еден Албанец или Албанка.
Инаку, социјалдемократите во недела преку Зум ќе одржат дигитален изборен конгрес, на кој ќе се потврди изборот на старо-новиот лидер и ќе се избере заменик-претседател и Централен одбор, по што следува избор на нов Извршен одбор, потпретседатели, како и секретари – генерален секретар, организациски секретар и секретар за меѓународна соработка.