Општина Карпош претрпе најголеми штети од силното невреме што го зафати Скопје. Според градоначалникот Сотир Лукровски, евидентирани се околу 250 оштетени автомобили, меѓу 85 и 90 оштетени кровни конструкции на станбени згради, куќи и институции, како и стотина паднати дрвја. Тој посочи дека меѓу оштетените објекти има и училишта, а материјалната штета е огромна.
Гостувајќи во Дневникот на Сител, Лукровски изјави дека општинските и градските служби веднаш започнале со активности за санирање на последиците од невремето.
Тој информираше дека во текот на вчерашниот ден бил одржан координативен состанок во Град Скопје, на кој присуствувале сите скопски градоначалници, градоначалникот на Град Скопје и директорите на јавните претпријатија, со цел да се координираат активностите за справување со штетите.
– Интервениравме во неколку домови каде што, буквално се под ведро небо, каде што е најитно. На едно место имаме 30 квадрати на станбена зграда, на последниот кат стан на кој му фалат 30 квадрати од покривот и директно дома им врне дожд. Сите тие ги саниравме и сега одиме со материјалните штети. Донесовме заклучок во соработка со градот да издвоиме средства, секоја од општините, да направиме фонд, да направиме комисии и се договоривме на тој начин да ги обесштетиме граѓаните, рече Лукровски.
