Отворање на „Денови на македонската култура“ во Белгија

Во Брисел беше отворена манифестацијата „Денови на македонската култура“, каде министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати пред почетокот на концертот на Оркестарот за џез-музика.

Тој истакна дека македонската култура претставува богатство создавано низ генерации, во кое се испреплетуваат традицијата, уметноста и идентитетот.

„Македонската култура е жива ризница на духот. Таа е светлина во фреските, ехо во каменот и трепет во народната песна. Во неа се запишани радоста и болката, копнежот и гордоста, истрајноста и вербата на многу генерации што создавале, чувале и оставале траен белег.“

Фокус на јазикот и културното наследство

Љутков се осврна и на Денот на македонскиот јазик, нагласувајќи дека јазикот е суштински дел од идентитетот и културното изразување.

„Секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него.“

Тој посочи дека културната манифестација претставува можност за претставување на македонската уметност и традиција пред меѓународната публика.

„Вечерва, овде во Брисел, во пријателска Белгија пулсира македонскиот здив. „Деновите на македонската култура“ се отвораат како значајна врата кон нашиот културен свет, исполнет со танци, песна, боја и збор што носи длабока вредност. Секој мотив, секое движење, секој тон и секој стих го носат печатот на достоинство, траење и непоколеблив идентитет. Вечерва, музиката го презема зборот. Овде во култниот „Бозар“, Националниот џез донесува звук што произлегува од традицијата, а се претопува во современа, слободна и смела форма. Во неговите композиции одекнуваат мотиви од народната душа. Секој тон претставува дијалог, секој ритам е чекор напред, а секоја импровизација е доказ за жива и создавачка култура. Нека оваа вечер остане како сведоштво за култура што создава, дарува и трае, нагласи Љутков.“

Програма и пораки за иднина

Министерот нагласи дека настанот е повеќе од културна програма и претставува можност за нови соработки.

„Манифестацијата „Деновите на македонската култура“ во Белгија е многу повеќе од серија културни настани. Таа е вистинско присуство, трајна трага и отворена покана за нови средби и идни соработки, а Министерство за култура и туризам со голема чест и задоволство ја поддржува со што ја потврдува довербата во уметноста како најсилен јазик на меѓусебно почитување и соработка.“

Тој ја претстави и програмата на манифестацијата, која опфаќа балет, филм и изложби.

„Нашата програма е богата и разновидна: Балетот на Националната опера и балет ја отвори сцената во Антверпен со „Лебедово езеро“. Филмската уметност беше претставена во Брисел со „Исцелител“ на режисерот Ставрески, а теракотните икони од „Виничко Кале“ ќе бидат изложени во Европскиот парламент, како силно сведоштво за древноста и трајноста на нашето културно наследство, напомена министерот.“

Во однос на македонскиот јазик, Љутков порача дека неговата вредност се мери со значењето што го има за народот.

„Македонскиот јазик е присутен во секој искрен збор, во секое напишано писмо, во секој стих што го допира срцето. Да го чуваме. Да го негуваме со внимание и со почит. Да го говориме со чистота и со гордост. Нека се пренесува како дар, како аманет, како светлина. Во него живее народот. Во него се огледува душата. Во него трае Македонија. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски, јазик на вековите, јазик на истрајноста, јазик што ја вплел својата нишка во ткаенината на историјата, горделив, непореклив и непокорен, потенцира Љутков на манифестацијата во Брисел.“