Убедлива победа во Прешов, Кузмановски блескаше со 10 гола

Македонската ракометна репрезентација направи голем чекор кон пласман на Светското првенство, откако вечерва во Прешов ја совлада Словачка со убедливи 31-24 во првиот бараж натпревар.

Избраниците на Кире Лазаров одиграа сигурен меч, ја потврдија фаворитската улога и уште пред реваншот создадоа висока предност од седум гола.

Македонија уште во првото полувреме воспостави контрола на теренот и на пауза замина со водство од 18-13. Доминацијата продолжи и во вториот дел, без поголеми проблеми за македонските ракометари.

Лазаров ротираше, Томовски блескаше на голот

Селекторот Кире Лазаров им даде шанса на повеќе ракометари, а во бековската линија натпреварот го почнаа Кузмановски, Митев и Велковски. Во текот на мечот настапија и Ѓорѓиев, Атанасијевиќ и Јагуриновски.

Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен на натпреварот со 10 постигнати голови, додека Милан Лазаревски додаде уште седум.

Одлична партија имаше и голманот Мартин Томовски, кој запиша 13 интервенции.

Реваншот се игра во Скопје

Реванш дуелот меѓу Македонија и Словачка е закажан за 17 мај од 19 часот во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Со ваква предност, Македонија е многу блиску до својот десетти настап на Светските првенства.