Организацијата на т.н. референдуми во окупираните територии на Украина со цел да послужат како алиби за нелегална анексија на територија посебно не загрозува нас малите држави, коишто не штити меѓународното право и меѓународниот систем. Тоа се манипулативни референдуми и Северна Македонија нема да ги признае нивните резултати, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Според Османи, ако може толку лесно со референдуми на соседни територии да создавате алиби за анексија, тоа веќе ги загрозува сите независни држави.
– Ако тоа се наруши, ако се создаде таков преседан, очекувајте утре секој голем сосед да може тоа да го направи на малите соседи, изјави Османи на денешниот брифинг со новинарите во Скопје.
Прашан, од кого гледа закана за нашата земја, кога три земји наши соседи се членки на НАТО, а една е неутрална, Османи рече дека тоа што го направи Русија е директно кршење и рушење на принципите на меѓународното право и на европската безбедносна архитектура и тоа токму на принципите кои гарантираат суверенитет и интегритет.
– Оттука не зборувам конкретно за некаков директен ризик овде во соседството, туку дека уривањето на принципите на меѓународното право го ставаат светот во ризик од нови војни и конфликти, изјави Османи.
Затоа, тој изрази чудење, што што на анкети гледа дека 25 отсто од македонски граѓани мислат дека руската агресија во Украина е оправдана, мислејќи, како што рече, дека ова е битка помеѓу два пола во светот, а ние сме страна која што е неутрална.
– Не, ние не сме неутрална страна, ние сме директно загрозени од рушењето на меѓународните принципи коишто не штитат од воведување на правила на џунглата, коишто не ги почитуваат суверентитот, територјалниот интегритет и меѓународните етаблираните граници на државите, изјави Османи.
Од тука, според Османи, да се биде на страна на руската агресија во Украина е да се биде против сопствените државни национални интереси.
– Нуклеарната војна влезе во секојдневниот политички дискурс и самото спомнување веќе во дневната размена на политички ставови е преминување на една психолошка бариера која што не можеше да се премине во последните децении и треба да не алармира сите, рече Османи.
Прашан за визниот режим со Русија, во контекст на руските граѓани кои бегаат од мобилизацијата, Османи рече дека Република Северна Македонија има генерално визен режим со Руската Федерација и тоа засега е доволен инструмент, но и дека може да се промени во зависност каков ќе биде развојот на настаните.
За тоа какви се односите со рускиот амбасадор во земјава, Османи рече дека немаат политичка комуникација и односи.
– Јас не сум имал средба со амбасадорот. Протоколарна, може да имаат протоколот и службите, како што имаат со сите амбасади во однос на функционирањето, меѓутоа политичка комуникација и контакти нема. Нашата позиција е јасна. Русија направи агресија на меѓународното право, направи агресија врз Украина. Мора тоа да прекине, за да се размисли за некакви политички односи, изјави Османи.