Македонската амбасада во Абу Даби се огласи преку социјалните мрежи со важно соопштитение до сите македонската државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија, а по последните напади во Ријад.
-Имајќи ја предвид последната безбедносна состојба во Кралството Саудиска Арабија (КСА), посебно во Ријад, Амбасадата на Македонија во Абу Даби апелира до сите наши државјани кои престојуваат таму на максимална будност, внимателност и следење на безбедносните протоколи. Ве молиме строго да ги почитувате официјалните упатства од Дирекцијата за цивилна заштита (Saudi Civil Defence) и Министерството за внатрешни работи на КСА поради серијата ракетни напади и напади со беспилотни летала, велат од Амбасадата.
КЛУЧНИ БЕЗБЕДНОСНИ ПРЕПОРАКИ:
– Итна заштита: Штом се активира безбедносна вонредна тревога или сирена, веднаш влезете во затворен простор (куќа/објект) и останете подалеку од прозорци и стакла.
– Забранети зони: Избегнувајте јавни собири, воени објекти и пограничниот појас со Јемен.
– Дигитална безбедност: Чувајте ги телефоните полни и погрижете се уредите да бидат чисти од какви било контроверзни содржини.
– Строга забрана за снимање: Според законите во КСА, строго е забрането фотографирање, снимање или споделување видеа од нападите. Локалните власти строго казнуваат за вакви објави на социјалните мрежи.
– Сомнителни предмети: Секакви сомнителни објекти или паднати остатоци веднаш пријавете ги преку саудиската апликација Tawakkalna.
ИНФОРМАЦИИ ЗА АВИОСООБРАЌАЈОТ:
Иако авиосообраќајот се рестартира, можни се чести вонредни одложувања. Генералната управа за цивилно воздухопловство (GACA) препорачува задолжително да ја контактирате вашата авиокомпанија за статусот на летот пред воопшто да тргнете кон меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад. Редовните летови сè уште функционираат со повремени откажувања и може да се користат за евакуација.
КОНТАКТ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ:
За какви било итни потреби и асистенција, веднаш контактирајте го дежурниот број на Амбасадата на РС Македонија во Абу Даби:
+971 56 441 7532 (мобилен телефон)
Извор: Курир
