Контроверзните тврдења на бугарскиот историчар Ангел Димитров предизвикаа реакции на социјалните мрежи

Ангел Димитров, член и преговарач од бугарската страна во Комисијата за историски и образовни прашања, објави книга со провокативни тези за македонскиот идентитет. Во неговото дело тој наведува дека македонскиот идентитет бил производ на српската доктрина на Стојан Новаковиќ, дополнително модифицирана од Коминтерната. Според Димитров, ова наводно влијание од Белград и Москва било пресудно во формирањето на денешниот македонски идентитет.

Во својата книга, тој редовно го користи називот „Република С Македонија“ и упорно го поврзува нејзиниот идентитет со она што го нарекува „југословенската орбита“. Според него, оваа врска била причина зошто политичката елита во Скопје не била во состојба целосно да се приближи кон Бугарија.

Реакции на социјалните мрежи на ставовите на бугарскиот историчар/преговарач

Изјавите на Димитров веднаш беа дочекани со остри реакции на социјалните мрежи од страна на македонската јавност.

Корисниците на социјалните мрежи упатија критики кон неговите ставови. Дел од нив му возвратија дека доколку Македонците се „неосвестени Бугари“, тогаш „Бугарите би биле Татари“.

Јавноста реагираше и со став дека со лица кои го негираат македонскиот идентитет преговорите треба да бидат итно прекинати. Граѓаните го нарекуваа Димитров „преобратен Македонец“ и „јаничар“.

Димитров тврди дека Македонија не може да избега од југословенската орбита

Според агенцијата БГНЕС, новото дело на Ангел Димитров е продолжение на неговата книга од 2011 година, „Република Македонија меѓу Југославија и национализмот“.

Тој го појаснува и мотивот зад објавата на неговата најнова книга:

„Зошто мораше да се напише оваа книга? Затоа што допира прашања со пулсирачко историско значење и директно влијание врз можноста за вистинска, добра и заедничка иднина меѓу двете соседни земји. Република Македонија не е во состојба да избега од југословенската орбита во која се креираше државната политика. Идеологијата на македонизмот е идеолошката оска на сите влади кои сносат одговорност за иднината на оваа држава (Република Македонија)“, истакна Димитров.

Тој упорно потенцира дека политичкото наследство од Југославија има силно влијание врз политичката класа во земјата.