Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ извршиле генерално чистење на фекалната и атмосферската канализација на улицата „Хаџи Јован Шишков“ во Шуто Оризари. При интервенцијата биле користени цистерна под притисок и вакуум, а шахтите и сливниците биле исчистени рачно.
Директорот на претпријатието, Иван Митровски, информираше дека екипите секојдневно се соочуваат со затнувања предизвикани од несоодветно фрлање различни видови отпад во канализациската мрежа.
Според него, меѓу предметите што најчесто ги предизвикуваат проблемите се влажните марамчиња, текстилот, пластиката, гумите и другиот цврст отпад, кој не треба да завршува во канализацијата.
„Канализацијата не е место за отпад. Секојдневно се соочуваме со затнувања предизвикани од влажни марамици, текстил, пластика, гуми и друг цврст отпад кои не треба да завршат во канализациската мрежа“, истакна Митровски.
Тој посочи дека секоја ваква интервенција бара ангажирање работници и механизација, како и трошење дополнително време и финансиски средства. Голем дел од проблемите, како што нагласи, можат едноставно да се спречат со правилно одлагање на отпадот.
„Зад секоја интервенција стојат луѓе, механизација, време и средства. Многу од овие проблеми можат едноставно да се спречат. Ние продолжуваме да работиме на терен. Но, одговорноста за градот ја делиме сите. Отпадот во контејнер. Не во канализација. Да го чуваме Скопје заедно“, апелира Митровски.
