Училиштето „Стрмец“ во Хрватска воведува македонски јазик и култура

Во најголемото подрачно основно училиште „Стрмец“ во Света Недела, од денеска се воведува настава по македонски јазик и култура по модел Ц, реши Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска.

Веста ја соопшти Желка Ненадиќ од Управата за национални малцинства при хрватското министерство, за време на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“. Иницијативата е резултат на заедничка работа на група родители, предводени од професорката Ивана Брезовец.

Наставата по македонски јазик веќе се изведува во седум основни училишта и три гимназии ширум Хрватска. Првото училиште што ја воведе оваа настава беше ОУ „Никола Тесла“ во Загреб пред дваесет години, а Првата гимназија во Загреб ја реализира веќе единаесет години. Часовите се достапни за сите ученици, не само за Македонците, кои сакаат да го изучуваат јазикот, посочи професорот Иван Антоновски.

Антоновски го истакна и трудот на наставничката Наталија Лековска од ОУ „Владимир Назор“ во Потпиќан, која ги учи учениците од прво до трето одделение по македонски јазик и фолклор во рамки на целодневната настава. Нивните настапи на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ вклучуваа Пајдушко оро и истарски „Истарски балун“, придружени од младата хармоникашka Анамарија Цариќ.

Учениците настапија во традиционални истарски носии, обезбедени од културниот ансамбл „Иван Фоновиќ Златела“ од Кршана и Македонската заедница „Охридски бисер“ од Загреб. Антоновски нагласи дека голема поддршка обезбедуваат директорката Нада Перишиќ и родителите, што ја покажува позитивната клима и поддршката за македонската заедница во Хрватска.