Македонската фудбалска репрезентација попладнево го одржа завршниот тренинг пред утрешниот натпревар во Скопје против Казахстан што за „црвено-жолтите“ ќе биде последна проверка пред заминувањето во Букурешт на Европското првенство.
На тренингот на комплексот „Петар Милошевски“ отсуствуваше само играчот за врска Енис Барди, кој денеска почна со индивидуални тренинзи во очекување на негативен тест на корона вирус.
Неговиот соиграч од средината на теренот Феран Хасани го одработи тренингот со заштитна маска на носот по повредата што ја здоби во понеделникот на пријателскиот натпревар против Словенија (1:1).
Натпреварот против Казахстан се игра утре со почеток од 18 часот на арената „Тодор Проески“.
Македонските фудбалери во првиот натпревар од Европското првенство за противник ја имаат Австрија, на 13 јуни во Букурешт.