Ваквата можност ја најави бугарската агенција БГНЕС, која објави дека бугарската клиника „Комак Медикал“ започнува вакцинирање на сите македонски граѓани без ограничувања со вакцините „Фајзер“ и „Модерна“ против ковид-19.
Од претставништвото на бугарската клиника за испитувања на лекови во Скопје за „Дојче веле“ потврдиле дека вакцинацијата во клиничкиот центар на компанијата во дворот на Александровската болница почнала вчера во 14 часот.
Нема прецизни информации колкава количина вакцини ќе бидe ставенa на располагање на македонските граѓани, но според информации од претставништвото во Скопје, станува збор за ограничена количина вакцини од „Фајзер“ и од „Модерна“.
Оние коишто ќе изразат желба ќе можат да се вакцинираат и со „АстраЗенека“ за којашто се обезбедени поголеми количини вакцини за имунизација.
– За регистрација и организирани посети, ве молиме користете ги контактите на канцелариите на Комак Медикал во Софија и Скопје, како и контактите на фондацијата Бугарска Памет, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на д-р Милен Врабевски, претседател на фондацијата.
Тој додава дека сертификатите ќе се издаваат само со матичен број и бугарски пасош, но никој што сака да се вакцинира нема да биде вратен.
Од претставништвото во Скопје објаснуваат дека заинтересираните граѓани ќе треба најпрво да се пријават во пунктот за вакцинација во Софија, коишто прават листи за имунизација, по што ќе бидат известени за термините за вакцинирање.
Бугарските медиуми наведуваат дека д-р Врабевски е познат филантроп во Бугарија и во Македонија. Компанијата со којашто раководи има претставништа во повеќе земји во регионот, а во Скопје е присутна од 2005 година со клинички испитувања на лекови.