Скопската обиколница наликува на една голема и долга депонија, сето она на кое му е место во контејнер е распространето долж целиот транзитен пат.

Па доколку сакате да го избегнете градскиот метеж и возите во овој предел во било кој правец, ќе уживате во пејсажот исцртан од раката на несовесниот граѓанин. Ќе се нагледате вреќи со ѓубре, испокинати гуми и уште многу смет кој што ја загрозува животната средина. А, не недостасуваат ниту мртви животни покрај патот.

Речиси секој метар од обиколницата е преполн со смет, лименки, пластика, отпадоци од храна се расфрлани насекаде. Вака изгледа една од највалканите обиколници во Европа.

Директорот на клучната институција за состојбата на патиштата – „Македонија пат“ апелира за поголема совест од страна на граѓаните, оти животната средина сите треба да ја штитиме, а не да дејстуваваме спротивно на тоа. А, за жал, не само на обиколницата, туку ваквата слика може да се забележи на сите патишта ширум земјава.

-Ние немаме надлежност за чистење на сметот, меѓутоа во рамките на редовните одржувања на магистралните и патни правци, каде што вршиме и одржување во рамките на вегетацијата, сечење кастрење го собираме и сметот, односно вршиме чистење на патните правци од тој аспект, меѓутоа тоа се случува неколку пати годишно, не е на дневно ниво.Костадин Ацевски.

Институциите генерално си ја префрлаат топката меѓу себе. Од „Македонија пат“ велат дека ингеренциите за превентивни и репресивни мерки го има државниот инспекторат за транспорт.

Директорот на на оваа институција – Руфат Хусеини не го прашавме за овој проблем, бидејќи тој не одговори ниту на повикот ниту на пораката која што му ја испративме.

Од Министерството за животна средина пак велат дека за ваквата состојба треба да се грижат општинските комунални сектори, а општините пак не ни имаат поим, а ниту добиле насоки за вршење на ваква должност.