Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20:30 часот против домаќинот Германија го игра вториот натпревар на Европското првенство (ЕП).

-Очекувам цврста Германија која ќе бара многу контакт, многу прекини. Мора да се подготвиме ментално и нашиот напад да биде подобар, тоа што ни недостигаше со Франција, изјави пред вечерашниот дуел селекторот Кирил Лазаров.

Македонските ракометари на отворањето на ЕП беа поразени од Франција со 29-39.

Натпреварот против домаќинот на ЕП 2024 ќе се игра пред 17.000 гледачи во „Мерцедес Бенц Арена“, чиј капацитет е одамна распродаден.

Тоа ќе биде шести дуел меѓу македонската и германската репрезентација. Низата од четири победи на Германија во меѓусебните дуели (36-25, СП 1999, 33-23, СП 2009, 24-23, ЕП 2012, 28-23, СП 2013), беше прекината на последниот дуел одигран на ЕП 2018 кога натпреварот заврши нерешено 25-25.

Претходно денеска од 18 часот во првиот натпревар од второто коло во групата А ќе играат Франција и Швајцарија.