Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за утрешниот натпревар од четвртото коло во Лигата на нации, каде што со почеток во 20:45 часот во Луцерн ќе ги одмери силите против селекцијата на Швајцарија. Националниот тим го одработи редовниот тренинг, по што на официјалната прес-конференција говореа селекторот Гоце Седлоски и дефанзивецот Висар Муслиу.
„Пред десет дена игравме со Швајцарија, знаеме каква репрезентација е и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот меч во Скопје. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме и головите што ги примивме, со колективна игра, еден за друг. Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Еден добар натпревар за нас сакаме и да се израдуваме по поразите кои ги имавме“, порача Седлоски.
Селекторот посочи дека целиот притисок и критики од јавноста треба да бидат насочени директно кон него, со цел фудбалерите да добијат неопходен мир и психолошка поддршка пред тешкиот предизвик на гостински терен.
„Знам дека критиките нека одат кон мене, а играчите да добијат поддршка. Потребна им е во овој момент. Здравствениот билтен е добар, немаме повредени, сите се во тренажен процес и се спремни за мечот. Мотивацијата треба да дојде сама по себе, полн стадион, вакви големи натпревари, треба да ја носат“, истакна Седлоски.
Тој се осврна и на резултатската криза, потенцирајќи дека згуснатиот распоред од четири натпревари во рок од 12 дена наметнува потреба од ротација на силите во почетниот состав.
„Немаме победено натпревар, немаме гол дадено, на сите играчи им дадов шанса на овие три меча. Ќе има новитети кои не играле, затоа што во краток период, четири меча за 12 дена, се тешко да се издржи. Не ги критикувам играчите дека не даваат се на терен, но противниците се тие кои некогаш не ти дозволуваат“, изјави Седлоски.
Во однос на здравствената состојба на Езѓан Алиоски, стручниот штаб потврди дека фудбалерот целосно ги заврши терапиите по болката во листот почувствувана во Скопје и повторно влегува во сериозна комбинација за настап.
„На натпреварот кој го игравме во Скопје, Алиоски требаше да влезе и почувствува болка во листот. Имаше терапии кои ги правеше и дојде пред последниот натпревар кој го игравме, беше на трибините, за да не ја повтори победата. Сигурно дека ќе биде во конкуренција да почне“, наведе Седлоски.
„Сите играчи кои се повикани, ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период, толку натпревари во кратко време. Е, сега, кој ќе биде на терен ќе видам уште еднаш. Последниот тренинг мина добро, сите се спремни и имаат желба. Излегуваме да се покажеме, а кој ќе игра, ќе одлучам утре. Од секој играч сакам подобро. Тука има момци кои се млади, кои се примени добро од постарите и од меч во меч мора да бидеме подобри. Секој меч е поинаков, но мора да се сите спремни за секој меч што им следи“, заклучи Седлоски.
