Ниту еден француски клуб не го поддржа создавањето на Супер лигата, додека Англија ќе има свои претставници.
– Претседателот Макрон ја поздравува позицијата на француските клубови да одбијат да учествуваат во Супер лигата, што ги загрозува принципите на единство и спортски заслуги. Француските власти ќе ги поддржат сите чекори преземени од француската федерација и лига, УЕФА и ФИФА за заштита на интегритетот на натпреварувањето, национално или европско, соопшти претседателската прес-служба.
Синоќа беше објавено формирањето на Супер лигата, во која ќе играат Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Реал, Барселона, Атлетико, Милан, Интер и Јувентус. Други 8 тимови учеснички ќе бидат објавени на подоцнежен датум.
За овој чекор британскиот премиер Борис Џонсон вели дека е нанесена огромна штета на фудбалот.
– Супер лигата го погоди срцето на фудбалот и ги остави сите англиски навивачи во неред. Клубовите што ќе решат да учествуваат во Супер лигата мора да одговорат на навивачите и фудбалската заедница за ваквите радикални чекори, изјави Џонсон.
Се очекува турнирот да започне во август оваа година.