Францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со лидерите на главните опозициски политички партии кои би можеле да формираат парламентарни групи во собранието по изборите одржани во неделата.

Во текот на вчерашниот ден, како и денеска тој одржува серија состаноци со претставниците на политичките партии со цел да се дефинира стратегија која ќе биде во „интерес на Франција“, откако неговата коалиција Заедно го изгуби апсолутното мнозинство во Парламентот.

Од Кабинетот на Макрон информираа дека разговорите се со цел изнаоѓање „потенцијално конструктивни решенија“.

Коалицијата на Макрон не успеа да ги освои потребните 289 пратенички места од вкупно 577 за да го задржи апсолутното мнозинство. Коалицијата по вториот круг на парламентарните избори, одржани во неделата, доби 245 пратеници. Левиот блок Нупес, предводен од Жан-Лик Меланшон ќе има најмалку 131 претставник, со што стана главна опозициска сила. По нив следуваат екстремно десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен со историскиот резултат од 89 места, а по нив се Републиканците.

Макрон вчера во Елисејската палата ги прими претставниците на опозицијата и тоа претседателот на републиканците Кристијан Жакоб, лидерот на Социјалистичката партија Оливие Фор и претставничката на крајната десница Марин Ле Пен, која по средбата со претседателот рече: „Тој слуша, но дали чуе? Ќе видиме.”

Таа додаде дека на шефот на државата му кажала дека пратениците на нејзината партија ќе бидат дел од опозицијата, но дека не сакаат систематски да ја опструираат работата на Владата.

Водачот на социјалистите Оливија Фор им рече на новинарите дека е „можно да се оди напред“, но посочи дека социјалистите нема да одобрат политика што би била спротивна на обврските што Социјалистичката партија ги презеде пред Французите. Фор се заложи за мерка предложена од левичарската коалиција Нупес за зголемување на минималната месечна плата од 1.300 евра на 1.500 евра.

Макрон се сретна и со претставници на својата партија и нејзините сојузници.

Француските медиуми посочуваат дека Макрон ќе бара сојуз или со конзервативните републиканци или ќе предводи малцинска влада која ќе мора за законите да преговара со другите партии од случај до случај.