Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на прекин на воената активност во украинскиот регион Донбас, откако и украинските вооружени сили и сепаратистите кои контролираат делови од источна Украина обвинуваат за обновено гранатирање.

Во контекст кога рускиот воен притисок не слабее, каде што се зголемува дестабилизацијата, каде што се обновени бомбардирањата во контактната зона, апелираме пред се на прекин на овие воени акции и на брза деескалација – порача Макрон пред самитот на Европската Унија – Африканска унија во Брисел.

Тој додаде дека „многу јасно, има [воени] акции кои се намножиле“.

Овие дејствија, според нас, мора да престанат бидејќи се во спротивност со постигнатите договори, со прекините на огнот кои досега беа почитувани, а за кои неодамна сите инволвирани страни ја повторија својата поддршка – изјави Макрон.

Тој истакна дека тимовите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ќе треба да ги разјаснат настаните од последните неколку часа и денови.