Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги пристигнаа денеска со воз во Киев, на заедничко патување кое треба да ја нагласи нивната поддршка за Украина во борбата против руската агресија.

Француската телевизија БФМ ТВ прикажа во живо снимка од ноќниот воз кој пристигнува во главниот град на Украина со европските лидери.

Лидерите на трите најголеми земји на Европската унија се очекува денеска да ја покажат својата поддршка за Украина за време на нивната посета на Киев, непосредно пред одлуката на Брисел за статусот на украинската кандидатура за членство во Европската унија.

Нивната посета, која не беше официјално најавена од безбедносни причини, доаѓа еден ден пред Европската комисија да даде препорака за статусот на Украина како кандидат за членство во ЕУ.