Малолетно лице управувајќи автомобил предизвикало тешка сообраќајна незгода во скопското село Долно Коњари, при што бил тешко повреден пешак кој се бори за живот.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена денеска околу 11:30 часот. Патничко возило со скопски регистарски таблички, управувано од малолетник, најпрво удрило во паркиран автомобил, по што го удрило и пешакот И.Ф.

Повредениот пешак со Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде лекарите му констатирале тешки телесни повреди и тој се наоѓа во животно загрозувачка состојба.

Од МВР информираат дека за настанот е известен дежурен јавен обвинител за малолетници, а полициските екипи работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста.