ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ шири манипулации и работи спротивно на интересите на државата
Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција упати остри критики кон СДСМ и Венко Филипче, обвинувајќи ги дека работат против интересите на Македонија и шират, како што рече, „какафонија“ во јавноста.
Според Манасиевски, СДСМ и Филипче, поради нискиот рејтинг, се насочиле кон „одработување за странски држави и партии“.
„СДС и Филипче треба повеќе да работат за Македонија, отколку да кодошат во Бугарија“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека опозициската партија нема што да им понуди на граѓаните освен, како што наведе, „лаги, измислици и манипулации“.
Обвинувања за уставните измени и односите со Бугарија
Во обраќањето, Манасиевски се осврна и на прашањето за уставните измени и европските интеграции.
„СДС и Филипче велат дека уставните измени се последниот чекор кон ЕУ, додека новиот бугарски премиер Румен Радев, категорично во секој негов настап вели дека по уставните измени, Бугарија ќе има и други барања“, изјави тој.
Според него, само Венко Филипче и, како што рече, „лојалистите на Зоран Заев“ веруваат дека уставните измени се последната пречка за Македонија на патот кон Европската Унија.
„Наместо да застанат на вистинската, македонската страна и да ја бранат државата, СДС и Филипче по стапките на Заев, да можат уште еднаш ќе го сменат името за да дојдат на власт и да крадат“, рече Манасиевски.
Повик до СДСМ да „се вразуми“
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека политиките на СДСМ им носат „низок рејтинг и исчезнување од политичката сцена“.
„Ги повикуваме СДС и Филипче, конечно да се вразумат и да застанат во одбрана на македонскиот идентитет, интегритет и достоинство“, порача Манасиевски.
