Иван Манасиевски, од ВМРО-ДПМНЕ побара одговор од Левица и од нивниот функционер Реџеп Исмаил во врска со информациите дека неговата сопруга била специјален советник во Министерството за надворешни работи во времето кога Владата ја предводел Зоран Заев.

„Дали сопругата на Реџеп Исмаил била специјален советник во МНР кога Владата ја предводеше Зоран Заев, во време кога беа потпишани срамните договори со Бугарија и Грција?“ – праша Манасиевски.

Тој посочи дека ангажманот сам по себе не е спорен, но е спротивен на ставовите што Левица јавно ги застапува.

„Ангажманот на сопругата на Исмаил како таков не е проблематичен, туку е контрадикторен со ставовите на Левица, бидејќи тие се против договорите со Грција и Бугарија, а таа била дел од преговорите во тимот на Заев“, рече Манасиевски.

Според него, ова отвора низа прашања за ставовите на Исмаил и Левица.

„Дали Реџеп Исмаил пред јавноста вели дека е против договорите со Грција и Бугарија, а во позадина ги одобрува овие договори? Дали со ова се потврдува коалицијата на СДС, ДУИ и Левица?“ – додаде тој.

Манасиевски оцени дека со овој случај повторно се покажува „лицемерието и дволичноста на Левица“.

„По ова јасно е дека тие се интересираат само за нивните цели, а не за македонскиот народ“, истакна тој.