На прес-конференција, Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека Зоран Заев и Венко Филипче ги избришале одлуките на АСНОМ со кои, како што рече, е конституирана модерната македонска држава, додавајќи дека „за нив националното понижување е гордост“.

„Заев и Филипче ги избришаа одлуките на АСНОМ, го променија знамето, името на државата, а сега на ред им се јазикот, идентитетот, културата и историјата“, рече Манасиевски.

Тој додаде дека, според него, Заев и Филипче се ставени на услуга на Бугарија поради уцени од група бугарски политичари поврзани со нивното, како што наведе, криминално минато.

„За Зоран Заев и Венко Филипче терминот ‘северномакедонци’ е гордост и успех на нивната политика која не доведе да бидеме држава со која другите се потсмеваат, потценуваат и не гледаа како потчинети“, изјави Манасиевски.

Тој додаде дека граѓаните, според него, им пресудиле на четири изборни циклуси по ред, и дека на следните избори ќе добијат „црвен картон“ и ќе исчезнат од политичкиот спектар во Македонија.