Обвинувања за апсењето и локацијата
На денешната седница за пратенички прашања, пратеничката Славјанка Петровска презентираше фотографии од апсењето на директорот на Инспекторатот за земјоделство, Илија Стоилов. Таа посочи дека приведувањето се случило во подземна гаража на зграда на улицата „Матеја Матевски“, каде што живее министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.
„Го уапсивте само директорот, а не и крајниот корисник на тие средства. Локацијата на апсењето е во подземна гаража од каде се оди кон станот на Цветан Трипуновски“, изјави Петровска, изразувајќи сомнеж дека овој дел од акцијата бил прикриен од јавноста.
Прашања за постапката на МВР
Петровска нагласи дека информацијата за локацијата на апсењето не била соопштена ниту на прес-конференција, ниту во официјално известување. Таа го праша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали акцијата била намерно прекината пред да се утврдат сите инволвирани.
„И брат да е, ќе одговара. Така викавте министре“, додаде Петровска во своето обраќање.
Остра реакција од министерот Тошковски
Министерот Тошковски возврати дека изнесените тези се блиски до научна фантастика и ја обвини Петровска за манипулација со јавноста. Тој истакна дека лицето е уапсено на местото каде што ги примило средствата, додавајќи дека во истиот објект живеат повеќе поранешни и сегашни функционери.
„Да направите обид за ваква груба манипулација не доликува. Ниски се овие удари со кои се обидувате да ја дефокусирате јавноста“, изјави Тошковски, нагласувајќи дека јавноста сама ќе ги оцени поставените прашања.
