За вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, свирежите за македонскиот јазик, за време на таканаречениот „Peace Festival“ на плоштадот Скендербег во Скопје, не се иницирани од политички субјекти.

Организатор на фестивалот во чест на 21 годишнината од потпишување на Рамковниот договор беше Министерството за политички систем, а дел од публиката беше изреволтирана кога водителката на настанот, која прво зборуваше на албански, проговори и на македонски.

Провокации и обиди за дестабилизација имало и секогаш ќе има, но за разлика од пред пет години, денес тие ниту се иницирани, ниту се провоцирани, ниту се поддржани од кој било чинител од власта. Ние сигурно чекориме кон ЕУ, разумно, одлучно, со почит кон нам различните и во договор со нашите сограѓани, пријатели, другарки и другари, припадници на сите етникуми во нашата земја, дека нашиот пат напред е еден и заеднички. Со заемна поддршка ќе ги надминеме сите предизвици на овој пат, амбициозно и без застанување кон остварување на полноправното членство во Унијата, гласи објаснувањето на Маричиќ дадено за ДВ.