Наградата му е врачена денеска, по повод Светскиот ден на науката за мир и развој, како признание за објавени најголем број научни публикации индексирани во базата на „Web of Science” во изминатата деценија (2011-2020) и придонес за афирмација на Универзитетот во земјата и странство. Наградени се и уште неколкумина истакнати научници.

Професорот Гушев изјави дека во 2012 добил награда „Научник на годината” и тоа за него, рече, претставувало голем предизвик и поттик да работи понатаму.

-Се надевам дека на сите научници во државата ќе им биде предизвик да работат напорно бидејќи навистина заслугите се вреднуваат на крај. Да беше ова настан од спортски или музички активности, ќе имаше црвени теписи, луѓе, медиуми итн. Се надевам дека оние што одлучуваат за науката во државава ќе имаат разбирање дека и науката еден ден ќе стигне на високо ниво, рече Гушев.

Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, ги додели и годишните награди за најдобри научници и уметник на Скопскиот универзитет за 2020-та, во сите научно-истражувачки подрачја и во уметностите.

Со одлука на УКИМ наградени се научниците: Валентин Мирчевски од Природно-математичкиот факултет; Евтим Здравевски од ФИНКИ; Марија Вавлукис од Медицинскиот факултет; Александар Цветковиќ од Факултетот за ветеринарна медицина; Борче Треневски од Економскиот факултет и Јасмина Мојсиева-Гушева од Институтот за македонска литература, а од областа на уметностите, наградата за 2020 ја доби Румена Бужаровска, писателка и професорка на Филолошкиот факултет.

Во име на сите добитници за наградата се заблагодари проф. Мирчевски кој во видеообраќање истакна дека УКИМ им укажува голема чест за нивните, како што рече, скромни научни достигнувања.

-Стара е мудроста дека признанието дома најтешко се добива, па оттука тоа е и најмило. Според моето лично разбирање, да се биде дел од нашиот универзитет значи да се биде достоен во интелектуална, морална и духовна смисла и светите Кирил и Методиј да се имаат за свои патрони, рече Мирчевски, додавајќи дека денес универзитетот ја има истата задача која ја имале и просветителите – да овозможи напредок на човештвото низ процесот на образование и да биде извор на знаења. Образованието треба да биде примарната цел на научната работа, нагласи Мирчевски, а технолошкиот развој, рече, е добредојден, но, сепак, е секундарна последица на научно-истражувачката работа.

Настанот го отвори ректорот Јанкуловски кој истакна дека во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември се климатските промени со оглед на тоа што стануваат серизона закана за животите на милијарди луѓе и планетата.

-Во 2021 одбележувањето ја нагласува важноста на градењето заедници подготвени за климатски промени. На 5 ноември УНЕСКО одржа научна конференција со виртуелна дискусија насловена „Да ги промениме размислувањата, а не климата, рече Јанкуловски и нагласи дека УКИМ сериозно се залага за примена и поддршка на препораките на УНЕСКО за науката и научните истражувачи.

Во таа насока, рече, денеска ќе биде промовиран и Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ, со цел зајакнување на интернационализацијата и меѓународната соработка преку интензивирање на релациите со научен кадар со потекло од нашата држава.

Одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, кој УНЕСКО го прогласи во 2001 година, на УКИМ продолжи со панел на тема „УКИМ во интернационални рамки”.