Учесниците на младинскиот протест во Берлин, кои претходно се собраа на плоштадот Александерплац, пристигнаа до Маријаненплац, пред зградата „Бетаниен“, каде што е предвидено да заврши протестниот марш. Протестната поворка во текот на движењето низ градот ја следеа голем број полициски службеници и полициски возила, со засилено присуство на безбедносните сили долж целата маршута.
Организаторите проценуваат дека на протестот учествуваат околу 15 000 лица, а на почетокот на собирот на Александерплац, според полициските проценки, имало околу 4 000 демонстранти.
Во протестот учествуваат претежно ученици, но и студенти и млади кои се на стручно оспособување.
За време на маршот, демонстрантите извикуваа слогани против милитаризацијата, воените расходи и општествените нееднаквости. Меѓу пораките што одекнуваа низ улиците на Берлин беа „Ниту еден човек, ниту цент за Бундесверот“, „Антиавторитарно, антикапиталистички“, „Сите сме антифашисти“, „Гнев и решение – револуција“.
На транспарентите, меѓу другото, пишуваше „Реагирајте наместо да игнорирате“, „Училиштето треба да образова, а не да оптоварува“ и „Вашите војни без нас“.
Главните барања на младите се укинување на задолжителната воена служба, запирање на зголемувањето на воените расходи и производството на оружје, како и пренасочување на јавните средства кон образованието, здравството и социјалната заштита. Тие бараат и подобри услови во училиштата и на универзитетите, достапно домување, климатска заштита и поголема социјална сигурност за младата генерација.
Додека минуваа низ берлинските улици граѓани излегуваа на балкони и ги поздравуваа учесниците во протестот.
Портпаролката на организациите „Gen Z Rebelt Berlin“ и „Gen Z Rebelt Studies“, Вероника Динтер посочи дека младите се револтирани од политиките на германската Влада, која, според нив, ги намалува средствата за социјалните потреби, а истовремено издвојува значителни суми за милитаризација и Бундесверот.
„Нашата генерација е лута затоа што Владата прави социјални кратења и ни вели дека нема пари за добро образование и за инвестирање во нашата иднина, а истовремено има пари кога станува збор за милитаризација и трошење за Бундесверот. Јас сум студентка и гледам како студентите во училиштата и на универзитетите седат во училници што се распаѓаат, а нема ниту доволно наставници. Ни велат дека нема пари, но очигледно пари има, само не се инвестираат во нас“, изјави Динтер.
Таа нагласи дека младите не сакаат нивните барања само да бидат сослушани, туку очекуваат конкретни промени во владините политики.
„Сакаме Владата не само да нè слушне, туку и да дејствува, да ги слушне нашите барања и навистина да направи промена во своите политики“, додаде таа.
Динтер посочи дека на протестот учествуваат и тинејџери кои веќе ги добиваат првите задолжителни писма од германската армија за процена на нивната подготвеност за воена служба, што дополнително го засилува незадоволството кај младите.
Против задолжителната воена служба и зголемувањето на воените расходи се изјасни и портпаролката на иницијативата „Училишен штрајк против задолжителната воена служба“ Џули-Софи Фелдер.
Таа рече дека на движењето му се приклучила на почетокот на март, а нејзиниот ангажман е поврзан и со последиците што недостигот на јавни средства ги има врз секојдневниот живот на младите. Како пример го посочи училиштето на нејзината сестра, каде што постоела опасност прозорците да испаднат од рамките и да паднат врз учениците. Наместо да бидат поправени, бил изграден тунел за да се спречи нивното паѓање, бидејќи немало доволно средства за поправка.
„Сакам да истакнам и дека не сакам да загинам во војна. Го гледаме зголемувањето на воените трошоци, кое се претставува како зајакнување на одбранбената армија, но активно служи за подготовка на војна. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека до 2029 година треба да бидеме подготвени за војна, а јас немам намера да загинам во војна“, изјави Фелдер.
Таа оцени дека зголемувањето на средствата за милитаризација се одразува врз финансирањето на другите општествени области, кои, како што рече, се важни за квалитетот на животот на младите.
„Бараме повторно да има повеќе пари за образованието и социјалната заштита. Бараме укинување на задолжителната воена служба, а особено укинување на лекарските прегледи за регрутација, кои веќе започнаа, иако требаше да почнат дури во средината на 2027 година“, посочи таа.
Меѓу барањата на иницијативата се и безусловна меѓународна солидарност и итно запирање на производството на оружје во берлинската населба Вединг.
„Не сакаме да поддржуваме геноцид“, порача Фелдер.
На протестите реагираше и германската сојузна министерка за образование, семејство, постари лица, жени и млади, Карин Приен, која порача дека барањата и грижите на младата генерација мора да бидат земени предвид при носењето политички одлуки.
„Важно ми е барањата на младите не само да ги примам како знаење, туку и да ги вклучам во политичките одлуки“, порача Приен.
Таа нагласи дека меѓу најитните задачи на државата е праведноста меѓу генерациите и дека образованието мора да има приоритет.
Осврнувајќи се на причините поради кои младите излегуваат на улица, министерката рече дека мирните протести треба да бидат повод политичарите да се запрашаат кои се пораките што младите сакаат да ги испратат и во кои области сметаат дека не се слушнати.
„Кога луѓето мирно излегуваат на улица, треба да се запрашаме што сакаат да ни кажат. Каде чувствуваат дека не се слушнати? Грижите на младата генерација не се неосновани“, изјави Приен.
Истовремено, таа нагласи дека сојузната влада и покраините веќе вложуваат значителни средства во образованието, додавајќи дека секој облик на насилство е неприфатлив.
Денешниот протестен ден во Берлин опфаќа два големи младински собири. Покрај маршот од Александерплац до Маријаненплац, во 14:30 часот имаше втор протест, под мотото „Нам ни е добро?“, кој почна кај плоштадот „18 Март“, во близина на Бранденбуршката порта.
Во неговата организација учествува и Сојузната конференција на учениците, а во фокусот се барањата за поголеми инвестиции во образованието, подобри услови во училиштата и поголемо внимание кон потребите на младите.
И двата собира се одржуваат во контекст на незадоволството на младите од приоритетите на германската Влада, особено од зголемувањето на воените расходи во време кога, според нив, недостигаат средства за јавните услуги и социјалната сигурност.
За безбедноста во текот на денешните демонстрации во Берлин ангажирани се околу 1.600 полициски службеници.
Началничката на берлинската полиција Барбара Словик-Мајзел претходно изјави дека полицијата засега нема конкретни сознанија за планирани спонтани собири или неорганизирани немири по завршувањето на протестите, но дека ќе биде видливо присутна на клучните локации во градот до доцните ноќни часови.
„Ги штитиме и ги придружуваме мирните протести. Но, кон оние што ќе го злоупотребат правото на слобода на собирање за да вршат насилство, ќе постапиме доследно и решително“, порача Словик-Мајзел.
Засиленото полициско присуство беше видливо и за време на денешниот марш, кој од Александерплац се движеше низ централните делови на Берлин до Маријаненплац.
Денешните демонстрации во Берлин се дел од поширок мобилизациски бран во Германија, каде што младински протести се најавени во повеќе од 70 градови. На повикот на иницијативата „Gen Z regelt“ се приклучуваат ученици и млади кои бараат подобро образование, достапно домување, климатска заштита и социјална сигурност, а се противат на задолжителната воена служба и милитаризацијата.
Протестите се дел и од поширокиот европски Меѓународен младински и студентски штрајк, на кој повика коалицијата од повеќе од 50 младински и студентски организации од над 25 земји.
Под мотото „Да се бориме за нашата иднина, а не за нивните војни“, младите во повеќе европски држави истовремено излегуваат на улиците со барања за поголеми инвестиции во образованието, здравството и социјалната заштита, а против зголемувањето на воените буџети, милитаризацијата и повторното вооружување.
