Матурантите бараат кратење на материјалот за полагање државна матура. Велат нивната генерација немала услови за нормално изведување на наставата – се учело онлајн, штрајкувале наставниците, а часови губеле и заради дојавите за бомби. Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), денеска со протест пред Министерството за образование побара редуцирање на материјалот за полагање матура. На протест ќе излезат и во петок.
„Ние протестираме со цел да ни се скрати матурата поради сите тие пречки што ни излегоа во образованието. Зашто е обемен материјалот за сите четири години, а ние тој материјал го поминавме само „туку-така“, изјави Драган Димев, ОДАС.
И во сојузот на средношколци размислуваат за олеснување на матурата. Моментално се собирале предлози и за десетина дена ќе го известат министерството за своите барања. Велат се внимавало да не се наруши квалитетот на образованието и негово прилагодување по зачестените дојави за бомби.
„За една до две недели ќе имаме генерално собрание кое ќе се произнесе по ова прашање и Сојузот ќе излезе со официјални барања на средношколците за државната матура“, изјави Лука Павиќевиќ, Сојуз на средношколци.
Сојузот денеска најави дека со предлог измени ќе побара од собранието изменија на законот за средно обрзавоние за да се овозможи бесплатен автобуски превоз и за средношколците од приватните училишта и учениците со попреченост.
Од МОН пак велат дека материјалот за матура бил веќе прилагоден согласно пандемијата и заканите од бомби и ги содржел само најважните информации од четиргодишното образование.